Станува збор за настан измислен од луѓето
Речиси во сите култури кои користат годишни календари, доаѓањето на новата година се слави како празник на промената на времето – заминувањето на стариот и почетокот на новиот период.
Меѓутоа, 1 јануари не се земал отсекогаш како почеток на новата година, во зависност од културата, новата година се прославувала на пролет или на есен.
Самиот обичај е поврзан со прославата на раѓањето на Сонцето. Како што се менувале вековите, така се менувале и деновите кога се славела новата година. Имајќи предвид дека многу народи немале календари, годината ја пресметувале според годишните времиња, како и врз основа на завршувањето на земјоделската работа што ја вршеле.
Се верува дека првата „прослава“ на Нова Година ја одржале жителите на Месопотамија, пред повеќе од 2000 години!
Во Месопотамија новата година се дочекувала на почетокот на март.
Едното мислење е дека Кинезите први ја дочекале новата година, а другото е дека тоа биле старите Германи или Римјани. Во антички Рим, како и во Месопотамија, почетокот на новата година се славел на 1 март, некаде околу пролетната рамноденица.
Меѓутоа, од 153 г. на старата ера, Римјаните имале прослава на 1 јануари – се славело во чест на богот Јанус. Новата година ја славеле како симбол на почеток на нов живот и нови животни надежи.
Старите Германи го поврзувале почетокот на новото со крајот на земјоделската работа, кои паѓале во средината на ноември. Тие така ја прославувале добрата година и претстојниот одмор.
Сите овие обичаи, во основа пагански, постоеле во Европа многу пред доаѓањето на христијанството. Долго време оваа религија избегнувала да го слави овој празник на 1 јануари бидејќи црковните поглавари во него гледале остатоци од стари верувања и обичаи. Во голем дел од средниот век, најрадосниот христијански празник – Божик – се сметал за почеток на годината. Дури од 12 век црквата полека го прифаќа 1 јануари како прв ден од новата година.