Skip to main content

Прости ми, нека ти е простено: Денеска е Прочка

Денеска православните христијани го празнуваат празникот Прочка. Прочка или Велики поклади е ден во православното христијанство кога верниците меѓусебно си простуваат пред почетокот на велигденскиот пост. Датумот на Прочка се менува зависно од датумот на Велигден, но секогаш е точно на 7 недели пред Велигден.

Прочка е манифест на искрената и пожртвувана љубов кон блиските, кој треба да го следи примерот за благосостојба, примирје и прошка помеѓу луѓето.

Целта и смислата на празникот е да го истакне проштевањето како дело на љубовта, а љубовта е основа на христијанското живеење. Прочка бара помладиот од постариот со зборовите „прости ми“, а постариот одговара „простено да ти е од мене и од Бога“.

Неделата пред Прочка се нарекува бела или сирна недела, кога не се јаде месо, туку се јадат млечни производи или сукани пити. Прочка во семејството се одбележува со богат ручек кој обично завршува со амкање јајца. Варено јајце се врзува на конец над трпезата и се завртува над главите на децата. Детето што ќе успее да го гризне јајцето се прогласува за најсреќно во следната година и добива награда.

На тој ден е дозволено внесување на мрсна храна, пити, колачи и алкохол. Тоа е денот кога треба да бараме прошка и да се помириме со сите со кои сме се скарале, па затоа ги нарекуваат и „Проштени поклади“.

Денот пак, по Прочка се вика „Чист понеделник“ кога започнува големиот велигденски пост. Тој го означува и крајот на зимските, и почетокот на пролетните празници.

Поврзани вести