
Никола Станишиќ од Македонија е победник на балканското музичко шоу „Ѕвездите на Гранд“ за 2025 година. Тој ја доби најголема поддршка од публиката ( 138.714 гласови) на големото финале кое започна вчера, а се одвиваше до раните утрински часови.
Вкупно 20 кандидати влегоа во финалето на популарното натпреварување, а првите тројца финалисти беа: Зоран Ружиќ Ферари (трето место), Елвис Мешиновиќ (второ место) и нашиот Никола Станишиќ.
Станишиќ е роден во 2000 година, има завршено гимназија, живее во Скопје и веќе настапува со својот бенд и надвор од Македонија.
Победата со многу емоции и солзи во очите Никола Станишиќ ја прослави на сцена со песната „Бисер балкански“.
На финалната вечер, пак, тој ја пееше „Ако утре ме нема“ на дуото ДНК и ја посвети на жртвите од големиот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Инаку, покрај признание и статуетка, тој беше награден и со автомобил „Фиат“, како и комплетен маркетинг што ќе му помогне во понатамошната кариера.
И благодарам на мојата Македонија и на мојата менторка Цеца – кажа Никола на осумнаесеттата сезона на „Ѕвездите на Гранд“.