
Со торта, роденденски свеќи, цвеќиња и искрени честитки доктор и првоборец – учесник во НОВ Никола Стојановски го прослави 103-ти роденден. Вработените во специјализираната болница за геријатријска и палијативна медицина „13 Ноември “ – Скопје, каде што тој сега престојува, направија се за да значајниот датум му го направат што посвечен.
Во објавата на нивната страница на социјалните мрежи тие потенцираа дека се работи за навистина посебен ден во болницата.
Нашиот почитуван Дедо Никола Стојановски – д-р Никола Стојановски – полни 103 години! Роден во 1923 во Скачинци (Велешко), тој е вистинска легенда на македонската медицина: дипломирал на Медицинскиот факултет во Белград (1952), специјализирал педијатрија во Загреб (1958), а потоа целиот работен век го посветил на децата како педијатар и хематолог во велешката болница. Бил и директор на болницата, секогаш со огромна посветеност за него секое дете било исто важно, а неговото спокојство и љубов кон пациентите се паметат и денес. Човек што ја градел здравствената историја на нашата земја, од НОБ до независна Македонија. Честитки од срце, Дедо Никола! Нека ти се здравјето силно, а мудроста и енергијата – бескрајни! – се наведува во честитката.

Инаку, д-р Стојановски е учесник во НОБ и еден од ретките живи борци од Втората светска војна, кој во изминативе децении обавувал повеќе функции. Тој повеќе години бил на чело на Главниот одбор на СБМ од НОАВМ 1941-1945 и граѓаните продолжувачи. Ја извршувал и функцијата пратеник во првиот парламентарен состав на независна Македонија и бил претседавач на првата конститутивна седница на Собранието во 1991 година како најстар и угледен пратеник во тогашниот состав.

Македонски



