
Кратово утре и задутре ќе го прослави патрониот празник „Свети Ѓорѓи Кратовски“ со низа манифестации и настани.
Оваа година ќе се преосвети црквата која го носи името на светецот по повод 100 годишнината од нејзиното функционирање.
Утре на 23 февруари ќе се одржи литургија со која ќе чиноначалствува г. Григориј, митрополит на Кумановско- осоговската епархија.
„Централната прослава е на 24 февруари- понеделник, а програмата започнува по 10 часот со положување на свежо цвеќе, по што ќе следи пригодно обраќање на градоначалникот Тодорче Николовски“, истакнуваат од општината.
Прославата ќе заврши со културно- уметничка програма на која ќе учествуваат КУД „Ефрем Каранов“ од Кратово, КУД „Вера Јоциќ“ од Македонска Каменица, Ансамбл за традиционална музика и игра ” Митко Алексов” Кочани и групата „Круна“.
„Свети Ѓорѓи Кратовски“ се смета за слава на градот, и голем празник за неговите жители. Тој бил роден во Кратово, кон крајот на 15 век, а откако починал татко му заминал во Софија каде го изучувал златарскиот занает. Затоа во некои градови и земји светителот се смета за еснафска слава.