Skip to main content

Реплика на патниот капут на Гете тргнува на ново патување

Screenshot

Реплика на историскиот патен капут на германскиот романсиер и поет Јохан Волфганг фон Гете ќе биде изложена во Рим од декември, како дел од изложба што го одбележува патувањето на германскиот поет низ Италија.

На изложбата „По стапките на италијанското патување на Гете“ во музејот „Каза ди Гете“ (Casa di Goethe) ќе бидат претставени и други предмети од музејот „Класик Штифтунг“ (Klassik Stiftung) во Вајмар, соопштија вчера германскиот министер за култура Волфрам Вајмер и премиерот на сојузната покраина Тирингија, Марио Фојт. Изложбата ќе биде една од станиците на новата германско-италијанска културна рута наречена „Џиро ди Гете“ (Giro di Goethe). Оваа рута има за цел да ги поврзе културните и туристичките знаменитости долж патот што Гете го минал за време на своето патување низ Италија од 1786. до 1788 година.

Точно 240 години откако Гете тргна кон Италија, ние тргнуваме по неговите стапки. Со „Џиро ди Гете“ сакаме неговото италијанско патување да го претвориме во живописна културна рута – од Верона, преку Венеција и Фиренца, до Неапол и Сицилија“, изјави Вајмер.

Гете во Кампања, ИталијаГете во Кампања, Италија

Музејот „Каза ди Гете“ во Рим се наоѓа на улицата „Вија дел корзо“, каде што Гете извесно време живеел со сликарот Јохан Хајнрих Вилхелм Тишбајн. Во тој период, Тишбајн го насликал познатиот портрет на поетот насловен „Гете во Кампања“.

Престојот во Италија извршил силно влијание врз Гете, а неговите записи од тој период ја обликувале претставата за Италија во Германија. Се смета дека во текот на својот живот тој патувал десетици илјади километри, а сино-сивиот волнен капут со наметка преку рамената бил неизоставен придружен дел од тие патувања.