Skip to main content

Тврди дека документите биле уредни, најави нов настап во Скопје: Џејла Рамовиќ проговори по драмата во Кичево

Facebook/Džejla Ramović

Пејачката Џејла Рамовиќ се огласи по инцидентот во Кичево, каде што беше приведена заедно со нејзиниот бенд поради наводен настап без работна дозвола, и објави дека веќе во петок се враќа во Скопје на нов настап.

Рамовиќ во својата изјава тврди дека целата документација за настапот била уредна и дека проблемот настанал по вина на организаторот, поради што полицијата ја прекинала вечерта неколку минути пред крајот. Таа им се извини на присутните што дошле да ја слушаат и нагласи дека ситуацијата била надвор од нејзина контрола.

Сакам да нагласам дека од моја страна и од страна на мојот бенд, сите потребни документи и дозволи за настапот во Кичево беа правилно подготвени и доставени до организаторот, со целосната постапка што редовно ја следиме кога доаѓаме во Македонија – вели Рамовиќ.

Таа додава дека организаторот ја уверил дека ги добил сите преостанати дозволи и дејствувал согласно договорот.

И покрај ова, настапот беше прекинат неколку минути пред крајот, наводно поради недостаток на работни дозволи, иако нашата документација беше целосно во ред. Жал ми е за непријатностите што ги доживеаја сите што дојдоа на мојот настап. Ситуацијата се појави од причини на кои не можев да влијаам на никаков начин, ниту пак е вина на мојот тим и мене – изјави пејачката.

Рамовиќ повтори дека инцидентот нема да влијае на нејзината врска со македонската публика.

Македонија е земја што многу ја сакам и секогаш сакам да се враќам. Исто ќе биде и сега, бидејќи веќе се дружиме во петок во Скопје – порача таа.

Инцидентот се случил во ноќта меѓу 29 и 30 ноември, кога полициски службеници од ОВР Кичево и РЦГР Запад влегле во угостителски објект каде настапувала Рамовиќ. При контролата било утврдено дека таа и нејзиниот бенд настапуваат без потребната работна дозвола, по што биле приведени за натамошна постапка.