Познатиот „Часовник на судниот ден“ е поставен на 89 секунди до „полноќ“ – што значи дека човештвото е најблиску до самоуништување досега. Имено, научната група околу американското списание „Билтен на атомски научници“, вчера, традиционално, ја објави оваа песимистичка новост, метафорично, но научно оценувајќи колку сме блиску до крајот на светот.
Го поставивме часовникот поблиску до „полноќ“ бидејќи не гледаме позитивен напредок во однос на глобалните предизвици со кои се соочуваме, вклучително и нуклеарните опасности, климатските промени, биолошките закани и напредокот во разорувачките технологии, рече Даниел Холц, претседател на Одборот за наука и безбедност при „Билтенот“.
Групата научници смета дека војната во Украина „може да стане нуклеарна секој миг“, како и оти воените дејствија на Блискиот Исток би можеле „да излезат од контрола“, додека земјите со нуклеарно оружје го зголемуваат својот арсенал.
Научниците велат дека обидите за намалување на климатските промени остануваат слаби на светско ниво, бидејќи владите не спроведуваат потребни политики за да го запрат глобалното затоплување. Развојот на биотехнологијата и вештачката интелигенција далеку ги надмина политиката, регулативата и темелното разбирање на нивните последици. При поставување на часовникот нанапред, испраќаме остар сигнал. Бидејќи светот е опасно блиску до пропаст, секое движење кон полноќ треба да се сфати како показател за екстремна опасност и непогрешливо предупредување, додаде Холц.