Skip to main content

Истражување: Зошто човекот не се сеќава на годините кога бил бебе?

Човекот, вообичаено, не може да се сети на првите две години од својот живот. Тоа е затоа што, едноставно, немаме пристап до тие спомени подоцна во животот, според ново истражување.

Научниот труд, објавен во списанието „Сајенс“ (Science), испитува 26 доенчиња на возраст од 4,2 до 24,9 месеци, поделени во две возрасни групи: Помали од една година, и меѓу 12 месеци и двегодишна возраст. При експериментот, бебињата биле набљудувани во тн. „ФМРИ“ уред за магнетна резонанца, додека им се покажуваат низа слики, со што истражувачите можат да ја забележат активноста во хипокампусот, т.е. делот од мозокот поврзан со емоциите, меморијата и автономниот нервен систем.

Интересот и љубопитството го развиваат мозокот

Д-р Ник Турк-Браун, водечки автор на студијата и професор на одделот за психологија на Универзитетот Јејл во Њу Хејвен, Конектикат, САД, вели дека хипокампусот, како длабока структура на мозокот, е невидлив за стандардните методи.

– Така, моравме да развиеме нов пристап за спроведување експерименти за помнењето кај бебињата, со уред за магнетна резонанца… Ваков вид истражување претходно беше правено главно со доенчињата кои спијат, бидејќи (будни) тие многу мрдаат, па не можат да ги следат упатствата и имаат краток опсег на внимание, вели докторот.

Д-р Симона Гети, професорка на катедрата за психологија на Универзитетот во Калифорнија во Беркли, чие истражување се фокусира на развојот на меморијата во детството, додаде дека, иако многу испитувања веќе го покажаа капацитетот на доенчињата да ги кодираат сеќавањата, ова најново истражување е единствено по тоа што го поврзува кодирањето на меморијата со активација на хипокампусот. Гети не била вклучена во новото истражување.

На бебињата им се покажани две слики една до друга: На едната има познати работи што бебето ги видело претходно, а другата покажува нешто сосем ново. Така, ако бебето се задржало повеќе на познатата слика, тоа посочува дека ја препознава, што значи – бебето има помнење. Кај оние доенчиња кои не покажале никакви преференции, тоа веројатно значи дека меморијата кај нив е помалку развиена.

– Движењата на очите се користени во стотици испитувања за меморија и категоризација на доенчињата. Бебето го гледа тоа што му е интересно, а истражувачите долго време го користат ова спонтано однесување за да извлечат информации за функционирањето на меморијата, рече Гети.

Следствено, наодите открија дека хипокампусот бил поактивен кај поголемите бебиња при кодирање на сеќавањата. Дополнително, само поголемите доенчиња пројавиле активност во орбитофронталниот кортекс, којшто игра клучна улога во донесувањето одлуки, помнењето и препознавањето.

– Така, за меморијата кај повозрасните бебиња, научивме дека информациите што човекот тежнее да ги долови и кодира во меморијата – се работите коишто се битни за нашето искуство. Неверојатното во овој труд е убедливото прикажување на процесите на шифрирање во хипокампусот кај бебињата за стимули коишто се, во извесна смисла, неважни за нив, појасни д-р Лила Давачи, професорка Универзитетот Колумбија, која не била вклучена во испитувањата.

Иако сè уште е нејасно зошто, најверојатно, кодирањето на меморијата е посилно кај бебињата постари од 12 месеци, тоа веројатно е резултат на промени што се случуваат во телото и брзиот анатомски раст на хипокампусот, смета Турк-Браун.

Тимот активно работи на попрецизен одговор на прашањето зошто мозокот не е во состојба да ги врати раните сеќавања од животот, но Турк-Браун претпоставува дека послабата „обработка на податоци“ кај помалите доенчиња може да значи дека хипокампусот тогаш не ги прима точните „термини за пребарување“ за да ја пронајде меморијата, како што е складирана врз основа на искуствата што ги имало бебето во тој миг.

Што значи оваа фаза за родителите?

Гети ги охрабрува родителите да размислуваат за влијанието на детството врз нивните деца, дури и ако децата не можат да ги вратат спомените што ги доживеале на толку рана возраст.

– Бебињата учат многу на оваа возраст, како што е разбирањето на целиот јазик и поврзувањето на звуците со значењата. Доенчињата, исто така, си создаваат очекувања околу членовите на своето семејство и ги проучуваат својствата на предметите и светот околу нив. Користењето на повторувањето со бебињата ќе отвори поголема врска меѓу родителот и бебето, објасни лекарката.

Иако не можеме да се сетиме на тие најрани спомени, како возрасен, правилно е да се каже дека учиме и од тие искуства, што може да биде вистинито и за неутрални и за емоционални информации. Ова, според Гети, може да ги потсети родителите дека детството не е време за мирување и дека доенчињата учат многу – на пр., и од детските песнички што им ги пејат, а можностите за визуелно истражување може да бидат важни за негувањето на вештините за учење.

Поврзани вести