Skip to main content
Македонскиот уметник и хуманист Живко Поповски ја продолжува традицијата

Цветин подари слики за новороденчињата во Клиниката за гинекологија и акушерство

Македонскиот уметник и хуманист Живко Поповски – Цветин денеска подари слики за сите новороденчиња во Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство.

Оваа традиција трае повеќе од дваесетина години, кога Цветин дарува свои слики Цвеќе на мирот на сите новороденчиња.

Со оваа акција порачувам дека како што се раѓа новата година, така се раѓа и нов живот. Македонија како држава се соочува со предизвик со наталитетот. Ние како нација треба да ги мотивираме нашите млади да имаат повеќе деца и да го зголемиме бројот на населението“, вели Живко Поповски Цветин.

Исто така, преку оваа акција, Цветин се заблагодарува и на персоналот во Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство за посветената и неуморна работа во текот на годините.

Вакви акции за поддршка потребно е да се реализираат од повеќе поединци и институции. Како луѓе треба да си помагаме и да се поддржуваме. Ништо не може да ги надополни минутите кои сме ги минале заедно во животот“, објаснува Поповски Цветин.

Во 1987 година, Цветин подари слика Цвеќе на мирот на Матеј Гаштар кој беше 5-милијардитиот жител на планетата Земја.

Живко Поповски – Цветин (роден 1944, с. Брезово) е поранешен претседател на Црвениот крст на Македонија, уметник номиниран за Нобелова награда за мир, познат по својата мисија „Цвеќето на мирот“. До денес има реализирано над 300 изложби и има подарено над 70.000 слики, кои се наоѓаат кај државници, уметници, поети и обични луѓе ширум светот.

Поврзани вести