Skip to main content

Зеленски: Предлогот на САД за поделба на нуклеарката Запорожје на три дела е „неправеден“

Претседателот на Украина Володимир Зеленски денеска изјави дека САД предложиле компромисно решение според кое нуклеарната централа Запорожје (ЗНЦ) би била поделена меѓу три страни – Украина, САД и Русија. Тој нагласи дека ваквиот план го смета за неправеден, пренесува Укринформ.

Украинскиот претседател оваа изјава ја даде како одговор на новинарски прашања, појаснувајќи ја содржината на разговорите со американските партнери.

Соединетите Американски Држави предложија компромис, како што го гледаат тие, според кој централата треба да продолжи да постои и да функционира, и во одредени пропорции да биде поделена на три дела. Разговаравме за ова детално и им кажав дека тоа го сметам за неправедно – изјави Зеленски.

Според него, проблемот не е само во сопственоста на објектот, туку и во низа технички и безбедносни предизвици. Зеленски посочи на милитаризираниот статус на централата, нејзината влошена состојба и немањето пристап до основните ресурси како вода и електрична енергија.

Има и проблем што нашиот тим, нашите луѓе, работат таму и треба да продолжат да работат. Кога централата ќе започне да работи со полн капацитет, таму ќе има поголем тим од украински специјалисти. Прашањето е каде ќе живеат тие луѓе – истакна тој.

Зеленски додаде дека сите овие прашања мора да бидат усогласени со Меѓународната агенција за атомна енергија (МААЕ). Како клучен проблем го наведе и прашањето за обнова на браната која беше разнесена од руските сили. – Мора да има брана – онаа што Русите ја разнесоа. Тие ја разнесоа. И кој ќе плати за тоа сега? Има повеќе прашања отколку одговори, заклучи украинскиот претседател.

Поврзани вести