Skip to main content

Зеленски ја потпиша одлуката за нови санкции против рускиот воено-индустриски комплекс

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ја потпиша одлуката за воведување нови санкции против рускиот воено-индустриски комплекс и финансискиот сектор, по вчерашниот масовен руски воздушен напад врз Украина, за време на кој, како што изјави, беа употребени повеќе од 400 дронови и речиси 40 ракети.

„Во саботата навечер, Русија започна уште еден масовен напад врз Украина со повеќе од 400 дронови и речиси 40 ракети од различни видови“, објави Зеленски, пренесува Укринформ.

Тој процени дека производството на ова оружје би било невозможно без критичните компоненти што Русите продолжуваат да ги набавуваат од странски добавувачи, заобиколувајќи ги санкциите.

„И токму против такви компании, добавувачи на компоненти и производители на ракети и дронови, воведуваме нови санкции. Ги потпишав соодветните одлуки“, рече Зеленски и потврди дека истовремено потпишал уште еден декрет со кој се воведуваат санкции против рускиот финансиски сектор.

Според него, на листата се вклучени компании преку кои се вршат плаќања за испорака на компоненти за производство на руски ракети и беспилотни летала.

„Воведени се и санкции против структурите што го обезбедуваат рускиот крипто пазар и рударството“, рече Зеленски.

Поврзани вести