
Потпретседателот на САД Џеј Ди Венс и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ја нагласија нивната заедничка желба за подобрување на односите непосредно пред денешниот состанок во Рим.
– Се надевам дека ќе бидеме почеток на некои долгорочни трговски преговори и некои долгорочни трговски предности меѓу Европа и Соединетите Американски Држави, рече Венс на почетокот на состанокот, кој го организираше италијанската премиерка Џорџа Мелони откако лидерите се собраа во Рим за инаугурацијата на папата Лав XIV.
Во последните недели, тензиите меѓу САД и Европа се разгореа, првенствено поради најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за плановите за воведување царини на Европската Унија, пренесе ДПА.
По силните протести и турбуленции на берзите и финансиските пазари, Трамп во април ги суспендираше царините на 90 дена. ЕУ ја изрази својата подготвеност да преземе решителни мерки, вклучително и контра-царини, доколку преговорите пропаднат.
– Важно е сега кога разменивме документи, нашите експерти да влезат длабоко во разговорите за деталите. Секој знае дека ѓаволот е во деталите. Но, она што нè обединува е дека на крајот, сакаме заедно да имаме добар договор за двете страни, изјави Фон дер Лајен.
Претседателката на Европската комисија истакна дека ЕУ и САД го имаат најголемото трговско партнерство во светот, со годишен обем од околу 1,5 трилиони долари.
Европа и нејзините поединечни земји се важни сојузници на Соединетите Американски Држави, рече Венс.
– Се разбира, имаме некои несогласувања, како што понекогаш имаат пријателите, за прашања како трговијата. Имаме и многу договори и многу работи на кои можеме да работиме заедно, рече Венс и додаде дека мисли дека „разговорот ќе биде одличен“.
Фон дер Лајен додаде дека, покрај трговските и прашањата за царините, ќе се разговара и за други теми, како што е Украина. Таа ги пофали напорите на САД, велејќи: „Мислам дека следната недела ќе биде клучна за тоа“.
Американскиот претседател Доналд Трамп утре треба да има телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, кој води војна против Украина повеќе од три години.
Мелони изрази надеж дека дијалогот во Рим би можел да означи дипломатски „рестарт“ меѓу Вашингтон и ЕУ.
Венс особено ја пофали Мелони, наведувајќи дека таа понудила да биде „градителка на мостови“ меѓу САД и ЕУ, додавајќи дека тој и Трамп „со возбуда ја прифаќаат“ понудата на италијанската лидерка