Skip to main content

Уапсениот капетан на товарниот брод што се судри со американски танкер е Русин

Капетанот на товарниот брод „Солонг“, кој во понеделникот наутро се судри со американскиот танкер „Стена Имакјулет“ во Северното Море, е уапсен, потврди сопственикот на бродот.

Поморската и крајбрежна агенција на Велика Британија (MCA) соопшти дека пожарите на „Солонг“ значително се намалиле,јави ДПА.

Компанијата „Ернст Рус“, сопственик на товарниот брод, изјави дека капетанот е руски државјанин.

Вчера, полицијата во Хамберсајд го уапси 59-годишниот капетан под сомнение за тешко кривично дело – убиство од небрежност. Тој останува во притвор додека трае истрагата.

Американски официјални лица изјавија за медиумот gCaptain дека не ја исклучуваат можноста за саботажа. Британскиот министер за транспорт, Мајк Кејн, пред парламентот изјави дека „нешто тргнало сериозно наопаку“, но досега нема докази за намерна штета.

Еден член на екипажот на „Солонг“ се смета за исчезнат, откако спасувачката операција беше прекината во понеделник навечер.

Според документите од инспекцијата на пристанишните власти, бродот „Солонг“ минатата година не поминал безбедносни проверки поврзани со управувањето. Во јули 2024 година, ирските инспектори утврдиле дека комуникациските системи за итно управување не се функционални, а во октомври, шкотските власти забележале дека спасувачките кругови не биле соодветно означени.

И покрај овие забелешки, бродот не бил задржан во пристаниште.

Во меѓувреме, компанијата „Краули“, која управува со танкерот „Стена Имакјулет“, соопшти дека истекувањето на млазното гориво од бродот имало „ограничен“ еколошки ефект, бидејќи горивото испарило поради пожарите на бродовите.

Американската влада потврди дека танкерот бил дел од нејзината програма за транспорт на гориво за воени потреби.

Европските и британските власти развиваат план за расчистување на остатоците од судирот и стабилизирање на двата брода, кои засега остануваат на површината.