
Тројца катарски дипломати загинаа во тешка сообраќајна несреќа во Египет, јавија светските агенции повикувајќи се на официјални лица во Каиро.
Според наводите на агенциите, загинатите биле членови на протоколарната служба на катарското Министерство за надворешни работи. Нивниот автомобил се судрил со камион на околу 50 километри од Шарм ел-Шеик, додека патувале кон египетското одморалиште, каде што за утре е закажан меѓународниот самит за прекин на огнот во Појасот Газа.
Хамас изрази сочувство до Катар по повод трагедијата и ги поздрави, како што е наведено, „напорите на Доха во посредувањето за ставање крај на конфликтот во Газа“.
Несреќата се случила во пресрет на спроведувањето на новиот договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, кој стапи во сила на 10 октомври напладне по локално време. Договорот е резултат на дипломатските иницијативи на американскиот претседател Доналд Трамп, вклучувајќи го и неговиот мировен план од 20 точки за стабилизирање на регионот.