Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп денеска изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски е заинтересиран за „договор“ за ставање крај на војната со Русија, откако двајцата се сретнаа во Париз за да разговараат за иднината на конфликтот.
Францускиот претседател Емануел Макрон беше домаќин на тринасочни разговори со Зеленски и Трамп во Елисејската палата во саботата, додека во Киев расте стравот за ставот на новата американска администрација.
Трамп отворено се спротивстави на испраќањето милијарди долари воена помош за Украина и еднаш се пофали дека би можел да го заврши конфликтот за 24 часа.
Зеленски и Украина би сакале да склучат договор и да го запрат лудилото, напиша Трамп на својата платформа „Truth Social“.
Треба веднаш да има прекин на огнот и да почнат преговорите. Премногу животи се непотребно изгубени, премногу семејства се уништени, а ако продолжи, може да се претвори во нешто многу поголемо и многу полошо, рече тој.
Неколку часа подоцна Бајден најави оружје за Украина во вредност од речиси милијарда долари.
Неколку часа по трипартитниот состанок, администрацијата на американскиот претседател во заминување Џо Бајден објави нов пакет воена помош за Украина од 988 милиони долари. Пакетот содржи беспилотни летала, муниција за прецизни ракетни лансери HIMARS и опрема и резервни делови за артилериски системи, тенкови и оклопни возила, соопшти Пентагон.