![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2024/11/putin-tramp.jpg)
Претседателот на САД, Доналд Трамп, во интервју за New York Post откри дека имал телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин во врска со завршувањето на војната во Украина. Трамп изрази надеж дека војната наскоро ќе заврши, нагласувајќи дека секојдневно се губат животи, пренесува Reuters.
„Тој (Путин) сака да види дека луѓето ќе престанат да умираат. Се надевам дека ќе биде брзо. Луѓето умираат секој ден. Оваа војна е толку лоша за Украина. Сакам да заврши оваа проклета работа“, изјави Трамп.
Кога беше запрашан колку пати разговарал со Путин, Трамп одговори дека е „подобро да не кажува“, но потврди дека секогаш имал добри односи со рускиот лидер и дека има конкретен план за ставање крај на конфликтот. Иако не ги откри деталите, Трамп нагласи дека работи на решение.
Трамп во интервјуто се осврна и на Иран, изразувајќи желба за склучување договор во врска со иранската нуклеарна програма.
„Би сакал договор пред да ги бомбардирам… Тие не сакаат да умрат. Никој не сака да умре… Ако склучиме договор, Израел нема да ги бомбардира“, изјави Трамп.
Иако претседателот на САД не откри повеќе детали за потенцијалните преговори со Техеран, тој изрази уверување дека дијалогот е клучен за да се избегне ескалација.
Минатиот месец, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Путин е подготвен да разговара со Трамп, а претседателот на САД најави и средба со украинскиот лидер Володимир Зеленски.