Skip to main content
Проект на професорот иноватор Димитрија Ангелков:

Произведени 10 течни дрва за прочистување воздух во 10 училишта во Кавадарци

Произведени се 10 течни дрва за прочистување воздух во 10 училишта во Кавадарци, информираше иноваторот, професор доктор Димитрија Ангелков од Кавадарци, во рамки на настанот, посветен на денот на граѓанските организации, што работат на полето на екологијата, заштита на човековите права и слично.

Вкупно производство на три метри кубни кислород на ден и 72 метри кубни на ден прочистен воздух. Секој месец произведени 1.600 литри течно органско ѓубриво. Проектот е поддржан од УНДП, Европска комисија и Општина Кавадарци – кажа Ангелков, кој работи како професор по стручни предмети, во средното електромашинско училиште.

Професорот за МИА појаснува дека всушност, станува збор за евтина инсталација од по 16 шишиња во кои се одгледува алгата хлорела вулгарис, што се храни со јаглерод диоксид, а испушта кислород, а притоа се претвора во биомаса.

Кога ќе се презасити системот, 90 отсто од течноста се исфрла во растенија како органско ѓубриво, алгата може да се прецеди на ткаенина, да се исуши на сонце и таа може и да се јаде. Значи, алгата ја користиме сите, еве сите со години користиме спирулина – истакна тој.

Според него, ова го решава проблемот со загадувањето во просториите.

Воздух влегува во течноста со алгата и тврдите честички од воздухот се апсорбираат во течноста, а одозгора излегува прочистен воздух. Значи, практично имаме и филтер-станица која го прочистува воздухот. После, јаглерод диоксидот се претвора во кислород. Целата инсталација изгледа убаво, може да биде како украс кога ќе светне така зелено, темно смарагдна боја,  декоративно е, лесно е за одржување – истакнува Ангелков.

Тој порача дека вакви евтини инсталации може да се инсталираат и по дома.

Микроалгите се со брз раст и висок капацитет за фотосинтеза, посебно оваа  Може да се истурат во канализација, па потоа отпадната вода заедно со овие микроалги побрзо се распаѓа и практично правиме и прочистување на канализацијата – додаде тој, како претседател на здружението „Иднината е сега“.

Ангелков има добиено бројни награди за иноваторство.

Едукативниот настан, „Граѓанските организации, двигатели на зелени иновации и циркуларна економија“, се одржа во кавадаречкиот Дом на култура, „Иван Мазов – Климе“.

Да ги претвориме локалните идеи во зелени решенија за одржлива иднина – е пораката од настанот. 

Поврзани вести