
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека во најскоро време би можел да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин за да разговара за Украина. Тој додаде дека работи напорно за да постигне мир во Украина и оти верува дека и Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски сакаат борбите да престанат. На новинарско прашање за можниот датум на средба со Путин, можеби во Саудиска Арабија, Трамп одговори: „Нема конкретен датум, но тоа може да се случи во најскоро време“.
Трамп, исто така, откри дека Стивен Виткоф, кој е и еден од неговите главни советници за меѓународни прашања, имал тричасовна средба со Путин, но не појасни на кој датум се случило тоа.
На прашањето дали Путин има намера да ја преземе цела Украина, Трамп одговори: „Не“. Тоа е прашањето што му го поставив бидејќи ако така постапи, тоа ќе ни создаде голем проблем“, рече Трамп.
Изјавата на Трамп доаѓа додека САД и Русија се подготвуваат за првични разговори во Саудиска Арабија во наредните денови.
Во исто време, руското издание Комерсант објави дека разговорите за Украина ќе започнат во вторник во саудискиот главен град Ријад.
Американски официјален претставник изјави дека американскиот државен секретар Марко Рубио ќе ја предводи делегацијата што ќе ја посети Саудиска Арабија на директни разговори со руски официјални претставници во наредните денови за да се бара крај на руската инвазија врз Украина.
Во разговорите во Ријад се очекува да бидат вклучени американскиот советник за национална безбедност Мајкл Волц, како и специјалниот пратеник на Трамп за Блискиот Исток, Стивен Виткоф, изјави американскиот претставник.