
Претседателот на САД, Доналд Трамп на средбата со турскиот колега Реџеп Тајип Ердоган изјави дека ќе ги укине санкциите кон Турција и ќе донесе одлука за потенцијална продажба на авиони-ловци Ф-35.
САД во 2020 година воведоа санкции за Турција откако Анкара набави руски системи за противвоздушна одбрана С-400. Исто така Анкара беше исклучена од програмата за борбени авиони Ф-35.
Трамп наведе и дека денеска разговарал со рускиот и украинскиот претседател, Владимир Путин и Володимир Зеленски, при тоа додавајќи дека наскоро ќе се реши војната во Украина.
- Имав многу добар разговор со претседателот Путин. Имавме долг разговор, долго траеше. И веднаш потоа разговарав со претседателот Зеленски. Мислам дека двата сакаат да се постигне договор … мислам дека тоа ќе го решиме, се надевам наскоро, посочи Трамп.
Тој повторно се осврна на Гренланд, потенцирајќи дека островот треба да биде под контрола на САД, а не на Данска. Според Трамп „Данска не троши пари за вистински да му помогне“ на Гренланд, а островот „за САД е многу важен“, бидејќи е „опкружен со кинески и руски бродови“.
- Со Гренланд би требало да управуваат САД, а не Данска. Би можеле да ги повлечеме сите свои војници од Европа. Подобро би им било да внимаваат, истакна Трамп.
Барањето на Трамп, САД да воспостават контрола над автономната данска територија Гренланд предизвика тензии помеѓу Вашингтон и Копенхаген, во НАТО и во Европа.

Македонски



