Skip to main content

Трамп: Мировниот план за Украина е флексибилен, Москва се согласи на отстапки, а конечниот рок е „кога сè ќе заврши“

 Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е оптимист за мировниот план за Украина и притоа се откажа од крајниот рок, поставен до Киев за прифаќање на предлогот. Трамп најави напредок во преговорите, нагласувајќи дека Москва се согласила на отстапки и дека целата рамка е флексибилна, опишувајќи ја како „само мапа“.

Трамп им изјави на новинарите во претседателскиот авион „Ер Форс Еден“ на пат кон Флорида, каде што ќе го прослави Денот на благодарноста, дека преговарачите постигнуваат напредок во консултациите со Русија и Украина. Во врска со рокот, Трамп рече дека нема поставено фиксен краен рок.

Facebook/Володимир Зеленський

– Крајниот рок за мене е, кога сè ќе заврши, потенцираше Трамп и забележа дека „на сите им е преку глава од борби во овој момент“.

Американскиот претседател пред новинарите го бранеше првичниот предлог на САД од 28 точки, опишувајќи го како „само мапа“, а не како финализиран план. – Ја земаа секоја од 28-те точки, а потоа дојдоа до 22 точки. Многу од нив беа решени, и всушност решени многу поволно, рече тој.

Првично претставената американска рамка наиде на критики во Европа и во Украина дека е силно наклонета во корист на руските интереси, предизвикувајќи стравувања дека администрацијата на Трамп може да ја принуди Украина да потпише мировен договор. Киев и Вашингтон сега соопштија дека украинската Влада се согласила со клучните точки од ревидираната рамка.

Прашан за загриженоста дека Украина може да биде притисната да направи прекумерни територијални отстапки, Трамп рече дека земјата за која станува збор „веројатно ќе биде заземена од Русија и онака“ во наредните месеци. Тој додаде дека и Москва ќе направи отстапки, вклучително и прекин на борбите и воздржување од заземање „повеќе земја“, но не прецизираше какви отстапки.

Тој, исто така, забележа дека се чини дека Русија има предност во војната и дека е во интерес на Украина да постигне договор. Во моментов се водат преговори со европските земји за безбедносните гаранции за Украина.

Трамп претходно најави дека специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф, ќе отпатува за Москва на средба со претседателот Владимир Путин, додека претставникот на Пентагон, Даниел Дрискол, ќе одржи паралелни разговори со Украина. Средбата во Москва би можела да се случи следната недела, со можно учество на зетот на Трамп, Џаред Кушнер. ссм

Поврзани вести