
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не е сигурен дали украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе се согласи со новиот предлог на САД за запирање на руската агресија во Украина. Трамп откри дека Вашингтон разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, како и со украински претставници, вклучувајќи го и самиот Зеленски.
Трамп изрази разочарување што Зеленски сè уште не го прочитал предлогот, кој му бил доставен пред неколку часа, пренесува Си-ен-ен.
„Морам да кажам дека сум малку разочаран што претседателот Зеленски сè уште не го прочитал предлогот, тоа беше пред неколку часа“, додаде тој.
Тој вели дека Русија „посакува да ја преземе целата земја“, но дека верува оти Москва е подготвена да разговара, иако останува неизвесно дали Украина ќе го прифати планот.
Во меѓувреме, специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, и неговиот зет Џаред Кушнер воделе неколкудневни разговори со украински претставници на Флорида, додека во вторникот имале петчасовен состанок и со Путин во Москва. На затворањето на разговорите, Зеленски се приклучил телефонски и ги опишал дискусиите како конструктивни, но сложени.
Сè уште не е јасно како се изменил првичниот американски мировен план со 28 точки во последните недели, а клучни прашања како територијалниот статус и безбедносните гаранции остануваат нерешени. Москва тврди дека е подготвена за преговори и ја обвинува Украина и Западот за блокирање на мировниот процес, додека Киев смета дека Русија само купува време за зацврстување на своите воени позиции.
Зеленски денес во Лондон ќе се сретне со европските лидери, меѓу кои и германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот премиер Кир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон, за да ја разгледаат состојбата со мировниот план.

Македонски







