Skip to main content

Суд нареди ослободување на петгодишно дете и неговиот татко приведени во рација на имигрантските власти во Минесота

Сојузен судија нареди ослободување на Адриан Конеј Ариас и неговиот петгодишен син Лијам Конеј Рамос, кои беа приведени од имиграциските служби за време на рација во Минесота.

Детето – видено на фотографија што стана вирална и на која носи сина капа во форма на зајак пред својата куќа, додека во близина стојат сојузни агенти – е едно од четирите ученици приведени од имиграциските служби на почетокот на овој месец во предградие на Минеаполис, соопшти училишниот округ „Колумбија Хајтс“.

Овој случај произлегува од лошо осмислен и неспособно спроведен владин обид за исполнување дневни квоти за депортација, очигледно дури и по цена на трауматизирање деца, напиша американскиот окружен судија Фред Биери во објавената одлука.

„На крајот, поради нејасниот имиграциски систем на САД, подносителите на барањето можат да бидат вратени во својата татковина, принудно или преку самодепортација. Но, до таков исход треба да се дојде преку поуредена и похумана политика од онаа што моментално е во сила“, се наведува во одлуката.

Еквадорскиот државјанин и неговиот син, кои легално влегле во САД како баратели на азил, биле префрлени во семеен притворен центар во Дили, Тексас, соопшти претходно нивниот адвокат Марк Прокош.

Покрај Лијам, вооружени и маскирани полицајци привеле и двајца 17-годишници и едно 10-годишно дете, изјави минатата недела надзорничката на училишниот округ, Зена Стенвик.

Поврзани вести