
Британскиот премиер Кир Стармер го опиша телефонскиот разговор на украинскиот претседател Володимир Зеленски со европските лидери по неговата средба со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа како продуктивен.
Зеленски и високи украински функционери ручаа со американскиот претседател во Вашингтон еден ден откако Трамп разговараше телефонски со рускиот претседател Владимир Путин.
На социјалната мрежа „Х“, Стармер повика на „праведен и траен мир“ во Украина.
„Вечерашниот разговор со Зеленски, другите европски лидери и генералниот секретар на НАТО беше продуктивен“, рече британскиот премиер.
-Ја повторив нашата непоколеблива посветеност на Украина во борбата против руската агресија. Обединетото Кралство ќе продолжи да испраќа хуманитарна помош и ќе продолжи да обезбедува воена поддршка“, нагласи Стармер.
Канцеларијата на британскиот премиер потврди дека Стармер разговарал со Зеленски за да „ја нагласи решителната поддршка на Обединетото Кралство за Украина“.