Skip to main content

Сите вработени во Глас на Америка очекуваат оваа недела отказ

Се очекува сите преостанати вработени во Гласот на Америка оваа недела да добијат известувања за отпуштање, објави Политико.

    Според медиумот, тоа би ставило крај на работата на мрежата основана пред повеќе од 80 години „со цел да се потиснат нацистичките дезинформации за време на Втората светска војна“.

    Вработените очекуваат отпуштањата да им бидат доставени на сите вработени со полно работно време оваа недела, според четворица вработени во Гласот на Америка кои се запознаени со ситуацијата, но не сакаа да бидат именувани, наведува Политико.

    Се очекува да бидат отпуштени преостанатите 800 вработени, откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп отпушти речиси 600 надворешни соработници на „Гласот на Америка“ претходно овој месец.

    Менаџментот ги советуваше вработените да очекуваат одлуки за отпуштање во наредните денови.

    Како што изјави еден раководител на ВОА за Политико, врз основа на разговорите на неговиот тим со вработените во Американската агенција за глобални медиуми (USAGM), матичната организација на ВОА, известувањата веројатно ќе влијаат на сите вработени, со што таа медиумска мрежа ќе згасне.

    На одделот за човечки ресурси во USAGM им е кажано дека известувањата веројатно ќе почнат да се испраќаат од денеска, изјави еден вработен во ВОА.