Skip to main content

Сијарто: Унгарија е подготвена да биде домаќин на самитот Трамп – Путин

Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто, во интервју за американските медиуми, истакна дека Унгарија е подготвена да биде домаќин на самит за мир на високо ниво меѓу САД и Русија, бидејќи единството нуди надеж за решавање на војната во Украина.

– Нашата Влада ја претставува каузата за мир во изминатите три и пол години, истакна Сијарто додавајќи дека Унгарија ќе ги обезбеди сите потребни услови за успех на средбата и изрази надеж дека истата ќе се одржи.

Тој коментирајќи го одложувањето на средбата, посочи дека датумот сè уште не е одреден.

Сијарто, кој е во посета на Вашингтон, изрази надеж дека ќе има појасна слика по средба со неговиот американски колега Марко Рубио.

Според него многумина во Европа се разочарани што наводно меѓународно изолираната Унгарија била поканета да биде домаќин на самитот САД – Русија, што се смета за најважниот состанок во последните децении.

Сијарто истакна дека Унгарија не е изолирана, туку Европска Унија, која нема никаква улога во решавањето на актуелните кризи низ целиот свет.

Тој додаде дека и покрај меѓународната потерница распишана за Путин, Унгарија нема да го уапси, како што рускиот претседател не беше уапсен при неговата неодамнешна посета на САД.

Претходно и унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека во тек подготовките за мировниот самит во Будимпешта.

– Самитот ќе се одржи кога ќе дојде време, истакна Орбан.

Според претходните најави, Трамп и Путин требаа во Будимпешта да разговараат за можно решение за војната во Украина. Но, плановите беа одложени откако Москва го отфрли предлогот за итен прекин на огнот.

Претходно, Трамп наведе дека „не сака залудна средба“ со Путин, но навести дека наскоро би можеле да следат одредени случувања, додавајќи оти „јавноста ќе биде информирана во следните два дена“.

Поврзани вести