
Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, упати апел до Иран да учествува со добра волја во преговорите со САД во Пакистан, откако Техеран претходно најави дека нема да се вклучи додека не запрат борбите во Либан.
– Го повикувам Иран да учествува, но секако и Либан мора да биде вклучен во договорот за прекин на огнот – изјави Албарес пред новинарите во Сенатот. Тој истакна дека во услови на двонеделна пауза во борбите меѓу САД и Иран, континуираните бомбардирања на Израел во Либан покажуваат дека израелската страна „не сака да му даде шанса на мирот“.
Албарес упати директен повик до Иран да ги прекине нападите врз земјите од Персискиот Залив, а до Хезболах да запре со нападите врз Израел. Тој, исто така, нагласи дека е неопходно веднаш да се отвори Ормуска Теснина за слободен транспорт.
Во однос на шпекулациите за можна вклученост на НАТО во обезбедувањето на превозот низ Ормуска Теснина, Албарес беше дециден дека Алијансата нема и нема да има никакво учество во оваа војна, бидејќи Блискиот Исток не е во нејзиниот радиус на дејствување.

Македонски


