Skip to main content

Шестмината кандидати за генерален секретар на ОН вечерва ќе се соочат во телевизиска дебата

anfaenger-from-pixabay

Шестмина кандидати за генерален секретар на Обединетите нации денеска ќе се соочат во салата на Генералното собрание, една недела пред официјалниот почеток на процесот на избор за шеф на меѓународната организација која е во длабока криза.

Во екот на кампањата без јасен фаворит и без вистински ентузијазам, кандидатите ќе се соочат со 90-минутни прашања од дипломати, персоналот на ОН и претставници на граѓанското општество на настан што започнува во 23 часот по средноевропско време и ќе се емитува на телевизијата Блумберг.

Мишел Башелет од Чиле, Марија Фернанда Еспиноза од Еквадор, Рафаел Гроси од Аргентина, Костариканката Ребека Гринспан, Керолин Родригес-Биркет од Гвајана и Маки Сал од Сенегал се натпреваруваат за наследник на генералниот секретар Антонио Гутереш.

„Овој јавен настан во ОН ќе обезбеди ретка можност да се презентираат идеите, приоритетите и лидерските визии на кандидатите за една од најважните позиции во светот“, рече претседателката на Генералното собрание, Аналена Бербок.

„Во еден сè пофрагментиран свет, на Обединетите нации им е потребен не само исклучителен главен администратор, туку и лидерство и интегритет на некој што е подготвен енергично да ја брани Повелбата на ОН и сите три столба (на организацијата)“, додаде таа.

ОН се соочува со длабока криза на доверба, но и на финансии. Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја обвини организацијата за невнимателно трошење средства и недостаток на резултати.

Затоа, САД бараат организацијата да се врати на својата првобитна цел за мир и безбедност, додека другите земји ја нагласуваат еднаквата важност на два други столба: човекови права и развој.

Во тој контекст, „трката се чини дека нема енергија“ во споредба со поживата кампања од 2016 година, која имаше „повеќе кандидати и многу интриги“ пред конечно да биде избран Гутереш, изјави аналитичарот на Меѓународната кризна група, Ричард Гован.

„Овој пат, сите се согласуваат дека трката е неверојатно важна за иднината на ОН, но самата конкуренција беше доста претпазлива“, додаде тој.

„Впечатокот е дека кандидатите внимаваат да не ги навредат САД или другите сили што имаат право на вето“.

Секој од кандидатите веќе се соочи со тричасовно испрашување спроведено од претставници на 193 земји-членки на ОН.

Повеќето ја нагласија потребата организацијата да продолжи со тековните реформи за да биде поефикасна, но и важноста од поголемо вклучување на генералниот секретар во мировните напори низ целиот свет.

Петнаесет земји-членки на Советот за безбедност ќе го одржат првото анонимно гласање зад затворени врати на 30 јули.

По ова прво, необврзувачко гласање, државите ќе гласаат сè додека еден кандидат не добие девет гласови без вето од една од петте постојани членки.

Името на избраниот кандидат потоа ќе биде испратено до Генералното собрание за официјално назначување, а таа личност ќе ја преземе функцијата на 1 јануари 2027 година.

„Гроси сè уште најчесто се споменува како фаворит, но тој сè уште не ја обезбедил победата. Други кандидати како Гринспан и Родригес-Биркет исто така имаат значителен број поддржувачи“, рече Гован, нагласувајќи дека сè уште е можно некој неочекуван да победи.

Според традицијата на географска ротација, која не секогаш се почитува, главните кандидати овој пат се претежно од Латинска Америка.

Поврзани вести