
Шест лица починале, а десетици се хоспитализирани низ САД поради консумирање готови јадења со тестенина заразени со листерија, поради што властите издадоа итно предупредување до граѓаните да ја проверат храната што ја имаат дома.
Американската Агенција за храна и лекови (ФДА) го прошири повлекувањето на производите на компанијата Nate’s Fine Foods, кои се продавале во големи трговски ланци како Trader Joe’s, Sprouts Farmers Market, Kroger и Walmart, пишува Unilad.
Според последните податоци од Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), вкупниот број на заразени се искачил на 27 лица во 18 американски сојузни држави. Од 26 случаи за кои има подетални информации, дури 25 биле хоспитализирани. Регистрирани се шест смртни случаи, а еден случај кај бремена жена резултирал со губење на плодот.
Компанијата Nate’s Fine Foods кон крајот на септември го прошири повлекувањето на производите, кое ги опфаќа однапред зготвени јадења со тестенина како фетучини, лингвини и фарфали, откако примерок од лингвини бил позитивен на бактеријата Listeria monocytogenes.
„Nate’s Fine Foods е посветена на највисоките стандарди за безбедност на храната и благосостојбата на нашите потрошувачи. Од претпазливост, доброволно ги повлекуваме одредените производи откако бевме информирани за можна поврзаност со појава на Listeria monocytogenes во повеќе држави. Вложуваме ресурси за да го продолжиме нашиот досега беспрекорен пристап и грижа за безбедноста на храната преку темелна истрага. Тесно соработуваме со Американската агенција за храна и лекови (FDA), Центрите за контрола и превенција на болести (CDC) и државните здравствени служби со цел целосно да се истражи изворот. Наш приоритет е да ја осигуриме безбедноста на луѓето што ги користат нашите производи, и ќе продолжиме да преземаме сите соодветни чекори додека ова прашање не биде решено,“ се наведува во соопштението на компанијата.
Со повлекувањето првично биле опфатени неколку производи, а подоцна листата се проширила на седум различни вкусови на готова тестенина.
Заразата со листерија е болест предизвикана од бактеријата Listeria monocytogenes, која може да се пренесе преку храна. Симптомите варираат од благи, слични на грип, до тешки и животозагрозувачки состојби како менингитис.
Според ЦДЦ, најризични групи се бремените жени, новороденчињата, постарите лица и лицата со ослабен имунитет.
Полесните симптоми вклучуваат покачена температура, болки во мускулите, главоболка, мачнина, повраќање и дијареја. Потешките симптоми може да вклучуваат укочен врат, збунетост, губење рамнотежа и напади.

Македонски






