Skip to main content

Се потврди најавата дека сега сите ќе одат во Вашингтон: Герапетритис на средба со Рубио

Во однос на Украина, укажав дека Европа останува посветена на праведно и одржливо решение за украинскиот народ. И независно од јавната конфронтација, Европа останува обврзана да ја надгради својата одбранбена инфраструктура. Но, поддршката од Соединетите Држави е неопходна, посочи министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис по средбата со американскиот државен секретар Марко Рубио во Вашингтон, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на грчката дипломатија и американскиот државен секретар се сретнаа само неколку часа по средбата на претседателите на САД и Украина, Доналд Трамп и Володимир Зеленски.

Во изјава за државната телевизија ЕРТ и грчките дописници во САД, Герапетритис за првата средба со Рубио нагласи дека имале опсежна дискусија и околу 45 минути разговарале „за сите прашања поврзани со билатералните односи, регионалната соработка и меѓународното опкружување“, а разговарале за билатералните односи, ситуацијата во Украина и на Блиски Исток.

За Блискиот Исток, шефот на грчката дипломатија рече дека мора да се најде решение, кое ќе обезбеди мир и просперитет во регионот, ќе ја гарантира безбедноста на Израел, но и иднината на палестинскиот народ, а поширокиот регион конечно да влезе во состојба на долготраен мир.

Герапетритис и Рубио разговарале и за стратешките односи меѓу двете земји и за, како што рече грчкиот министер, можностите за дополнително да се развијат во економијата, туризмот, трговијата, во енергетиката и во односите меѓу луѓето.

Грција, како членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, во фокусот на меѓународните случувања, е во позиција да остави силен дипломатски отпечаток. Грција разговара со сите. Претставува мост помеѓу Истокот и Западот, Северот и Југот. И очекуваме дополнителна соработка со американската влада, за од една страна значително уште повеќе да се подобрат нашите билатерални односи, а од друга страна заеднички да придонесеме за консолидација на регионалниот и меѓународниот мир – посочи Герапетритис.

Американскиот државен секретар на платформата Икс напиша дека со грчкиот министер за надворешни работи разговарале за она што можат да го постигнат заедно како партнери, сојузници во НАТО и за време на мандатот на Грција во Советот за безбедност на ОН.

Разговаравме и за безбедносното и енергетското лидерство на Грција во Источниот Медитеран и за перспективите за идна соработка, напиша Рубио на Икс.

Поврзани вести