Skip to main content

САД повеќе не издаваат пасоши со Х за пол

Freepik

Соединетите Американски Држави престанаа да издаваат пасоши со ознака X за луѓе кои се идентификуваат како трансродови. Ова е направено врз основа на указот на претседателот Доналд Трамп, потпишан на првиот ден од неговиот мандат, соопшти Стејт департментот.

Стејт департментот повеќе не издава американски пасоши со ознака Х“, изјави за Франс прес неименуван портпарол на таа институција, додавајќи дека обработката на барањата за пасоши со оваа ознака е прекината.

Според него, насоките за веќе издадените пасоши со ознака Х ќе се дефинираат подоцна.

Во понеделникот, на денот на неговата инаугурација, Трамп потпиша извршна наредба со која наредува неговата администрација „да го признае постоењето на само два пола дефинирани при раѓањето“.

„Од овој ден натаму, официјалната политика на американската влада ќе биде дека има само два пола – машки и женски“, рече Трамп во Вашингтон.

Во декретот, чија официјална цел е „враќање на биолошката вистина“, се наведува и дека „федералните фондови не смеат да се користат за промовирање на родовата идеологија“.

Меѓу преземените мерки е отстранувањето на Х за луѓето кои се идентификуваат како трансродови или родово-идентификувани, „од официјални владини документи, вклучително пасоши и визи кои верно ќе го одразуваат полот доделен при раѓање“, рече претставник на администрацијата.

Првиот американски пасош со X за пол беше издаден во октомври 2021 година, за време на мандатот на претседателот Џозеф Бајден.

За време на предизборната кампања, Трамп вети дека „ќе стави крај на лудилото на трансродовите“ во САД.

Поврзани вести