
Спасувачките екипи во Мраморното Море го пронајдоа телото на капетанот Јашар Кајхан, кој е прва жртва пронајдена во рамките на потрагата по десетте исчезнати членови на екипажот на турскиот трговски брод „Тугберк Имамоглу“, кој потона по судир со танкерот „Алсу“ во близина на Силиври, соопштија турските медиуми повикувајќи се на Главното републичко обвинителство во Силиври.
Како што јави телевизијата НТВ, безживотното тело било пронајдено на речиси пет километри од местото на несреќата и веднаш било пренесено во пристаништето во Силиври. По извршената експертиза во Институтот за судска медицина во Истанбул, официјално беше потврден идентитетот на капетанот Кајхан.
Потрагата по другите девет члена на екипажот продолжува со непрекинат интензитет. Во операциите за пребарување на акваториумот се вклучени екипи на Командата на крајбрежната стража, Генералната дирекција за крајбрежна безбедност и Командата на Военоморските сили. Локацијата и остатоците од потонатиот брод претходно беа лоцирани со помош на турскиот спасувачки брод TCG „Акин“, кој е опремен со сонарни системи и подводен апарат на далечинско управување (ROV).
Трговскиот брод „Тугберк Имамоглу“, кој превезувал градежни материјали и валана челична ламарина, потона на 2 септември годинава за само 11 минути, по судирот со танкерот „Алсу“ на околу 18 наутички милји од брегот на Силиври.
Во рамките на истрагата за поморската несреќа, што ја води Главното републичко обвинителство во Силиври, веќе се уапсени првиот и третиот капетан на танкерот „Алсу“, додека за останатите четворица членови на екипажот е одредена мерка судски надзор.(МИА)

Македонски


