Skip to main content

Во август одземени 18 електрични тротинети

архива

Вкупно 606 прекршоци сторени од возачи на електрични тротинети се евидентирани во засилените сообраќајни контроли што Министерството за внатрешни работи ги спроведе во текот на август на целата територија на државата, при што најчести биле прекршоците за неносење рефлектирачки елек и непочитување на правилата за движење по велосипедски и пешачки патеки.

Според податоците на МВР, најголем број од санкциите, односно 162, биле изречени поради неносење рефлектирачки елек при управување електричен тротинет во ноќни услови. Дополнително, 134 санкции се однесуваат на некористење велосипедска или пешачка патека, 59 за некористење заштитен шлем, 45 за превезување две лица на тротинет и 20 за малолетници што управувале електричен тротинет. Во рамките на контролите биле одземени и 18 електрични тротинети во времетраење од 30 дена.

Најголем број прекршоци биле евидентирани на подрачјето на СВР Битола, каде што се регистрирани 236 случаи. Следуваат СВР Скопје со 97 прекршоци, СВР Струмица со 82, СВР Охрид со 57, СВР Тетово со 27, СВР Велес со 18, СВР Штип со 13 и СВР Куманово со седум прекршоци. Дополнително, Мобилната единица за безбедност во сообраќајот констатирала 69 прекршоци.

Покрај прекршоците сторени од возачи на електрични тротинети, МВР информира дека во текот на контролите биле констатирани и 3.665 прекршоци од друг вид за кои биле преземени соодветни мерки и изречени санкции.

Од МВР информираат дека засилените сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредниот период со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот и доследно почитување на сообраќајните правила и прописи. 

Поврзани вести