
Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, денеска, од собраниската говорница рече дека тој и уште 24 други пратеници 45 дена од Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси чекаат антикорупциска анализа на закон за спроведување на проектот „Скопје – европска престолнина на културата“.
Стојановски, на 100. пленарна седница, на која беше усвоен годишниот извештај на антикорупциска комисија за 2025 година, побара анализата до нив да биде доставена што побргу за да може да се донесе законот.
Законот, како што рече пратеникот, е поднесен во јули, а до денеска нема никаков одговор од антикорупциската комисија.
На 30 јули вашата институција издаде соопштение во јавноста, во кое имаше низа критики. Денеска е 15 септември – значи 45 дена подоцна вашата институција нема изработено антикорупциска анализа на овој закон. За да нема разноликост во јавноста, јас во името на тие 24 пратеници, кои го потпишавме овој закон од разни политички партии, сакам лично да ве повикам вас и вашата институција веднаш и неодложно да изработите една антикорупциска анализа на тој закон и да ја доставите до оние што сме ја потпишале – рече Стојановски.
Малиша Станковиќ од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека во извшетајот на Државната комисија за спречување корупција нема конкретни предлози за справување со корупцијата.
Ние конкретни предлози не можевме да видиме. Пишувате дека работите на реализирање на стратегијата. Генерално, ние никако да дојдеме до тие резултати – рече Станковиќ нагласувајќи дека антикорупциската комисија во 2025 година до Јавното обвинителство доставила само осум предмети во кои тие гледаат конкретно корупција.
Јавното обвинителство, вели пратеникот, не ви дало одговор по ниеден предмет.
Вие премалку предмети доставувате до Јавното обвинителство, тоа ги „трпа“ предметите и ги става во фиока. Тоа е повторно според самото Јавно обвинителство. И оние мал број предмети што ќе дојдат до судовите, судот ги ослободува. Па ние вака ако продолжиме, никогаш нема да се справиме со корупцијата. Граѓаните бараат правда – рече Станковиќ.
Пратеникот Реџеп Исмаил од Левицата рече дека не мисли оти една комисија како антикорупциската може да ја реши корупцијата, туку дека е потребна политичка волја во владејачката гарнитура, без разлика кој е на власт.
Сали Мурати од Европскиот фронт искажа незадоволство од процентот на реализација на активностите предвидени со стратегијата за борба против корупцијата и побара во следниот извештај што ќе биде доставен до Собранието да има прецизна листа на институции што не одговараат на барањата на антокикорупциската. – Второ, да се почне постапка за измена на законот во делот на функционалноста – рече Мурати.
Халил Снопче, пак, рече дека шест години е пратеник и дека секогаш ги добиваат истите извештаи на оваа комисија. – Во борбата против корупцијата немаме никакво движење напред. Останавме во статус кво. Ова се антиципира како нормална појава. Граѓаните порано имаа перцепција дека имаме висока коруцпија, но за оваа власт веќе кренале раце – рече Снопче. Според него, проблемот е политички, а не институционален.
Соња Мираковска од НСДП рече дека статистиката е една голема вистина и оти таа покажува системски слабости, недоволни резултати и она што според неа е значајно е – политичка незаинтересираност за борба против корупцијата.
Прашањето е колку лица одговарале, колку функционери биле санкционирани, колку функционери не ја направиле основната обврска, дали имаме во Владата функционери што не поднеле анкетни листови. Како Собрание должни сте и за нас и за сите функционери да информирате дали поднеле анкетни листови или не или дали вие како институции сте постапиле. Ако треба, нека биде тоа и посебен извештај, издвоен од овој – рече Мираковска додвајќи дека проверката не треба да биде селективна.
Пратениците ги усвоија и посебните извештаи на Државната комисија за спречување на корупцијата за утврдените состојби во финансирањето на изборната кампања за избор на градоначалници и советници во општините во државата и на Државната комисија за спречување на корупцијата за утврдените состојби во финансирањето на изборната кампања за повторни избори за градоначалник на општина Гостивар, градоначалник на општина Врапчиште, градоначалник на општина Маврово и Ростуше и за градоначалник на Центар Жупа – 2026 година.
Пред оваа седница се одржаа и беа завршени уште три други.

Македонски


