
Русија денеска го одбележува Денот на руската морнарица, но ја откажа големата поморска парада, што традиционално се одржува по тој повод во Санкт Петербург, поради безбедносни причини.
Безбедноста е на прво место, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, објаснувајќи ја одлуката.
Парадата, која од 2017 година се одржува секоја последна недела од јули, вклучуваше настапи на воени бродови и подморници со цел да се покаже поморската моќ на Русија.
Локалните власти уште во петокот соопштија дека се откажуваат парадата и традиционалниот огномет, но не наведоа причини.
Рускиот претседател Владимир Путин, кој редовно присуствуваше на настанот, годинава се обрати преку видео, упатувајќи честитки до морнарицата и истакнувајќи ја „храброста и јунаштвото“ на руските морнари што учествуваат во војната во Украина.
Од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, Русија речиси секојдневно е цел на украински напади со дронови. Министерството за одбрана соопшти дека во изминатите 24 часа се соборени 291 украински дрон.
Противвоздушната одбрана собори две насочувани авионски бомби, три ракети од чешкиот повеќецевен ракетен фрлач „Вампир“ и 291 беспилотно летало од авионски тип“, наведе Министерството.
Повеќе од десет дронови биле пресретнати во Ленинградската област, околу Санкт Петербург, каде, според гувернерот Александар Дрозденко, била повредена една жена.
Нападот го нарушил и работењето на аеродромот Пулково во Санкт Петербург, каде се одложени десетици летови.