Skip to main content

Рубио: Европејците ќе мора да бидат вклучени во постигнувањето договор за Украина

Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска изјави дека Европејците ќе мора да бидат вклучени во потенцијалниот договор со Украина.

Неговата изјава уследи еден ден по неговите разговори со украинските претставници во Саудиска Арабија. Според него во кои било идни преговори Русите ќе го постават прашањето за европските санкции кон Москва.

Значи, мислам дека е очигледно дека ако има мир во Украина, на крајот од тој процес, Европејците ќе мора да донесат одредена одлука за тоа што да прават со тие санкции и затоа мислам дека тие апсолутно мора да бидат вклучени во тој процес, посочи Рубио.

Тој истакна дека САД се „среќни“ што Украина го поддржала процесот и оти сега фокусот е на Русија, со чии претставници уште денеска ќе се „воспостави контакт“.

Ако речат не, тоа ќе ни каже многу за нивните цели и размислувања, но не сакаме да навлегуваме во тоа пред да ни дадат одговор, наведе Рубио.

Тој посочи дека Русите изразиле подготвеност да го прекинат конфликтот, под соодветни околности, кои се уште не се дефинирани.

Рубио потенцира дека Украина изразила подготвеност да дојде на преговарачка маса и оти сега е неопходно Русија да дојде на масата. Според него преговорите нема да бидат „лесни, брзи или едноставни“, но оти е важно барем да се стигне до нив.

Поврзани вести