Skip to main content

Рајт: САД сè уште не се подготвени да обезбедат придружба за танкерите низ Ормускиот теснец

Американскиот министер за енергетика, Крис Рајт, денеска изјави дека американската морнарица сè уште не е подготвена да обезбеди транзитна придружба на нафтените танкери низ клучниот Ормуски теснец

„Тоа ќе се случи релативно брзо, но сега не е можно. Сите наши воени ресурси во моментов се фокусирани на уништување на офанзивните капацитети на Иран и индустријата што ги снабдува“, рече Рајт.

Тој прецизираше дека морнарицата веројатно нема да може да ги придружува танкерите до крајот на месецот, но дека Пентагон интензивно работи на подготовките.

Прекинот на сообраќајот низ Ормускиот теснец, единствената излезна и влезна точка од Персискиот Залив, предизвика најголемо нарушување на снабдувањето со нафта во историјата.

Танкерите остануваат во пристаништата бидејќи превозниците се плашат од ирански напади, што дополнително ја загрозува стабилноста на снабдувањето.

Цените на нафтата Брент достигнаа 100 долари за барел, додека последната трговија беше околу 98,64 долари, што е зголемување од седум проценти во споредба со претходниот ден.

Аналитичарите предупредуваат дека продолженото прекинување на снабдувањето би можело дополнително да ги зголеми цените и инфлаторниот притисок врз глобалната економија.

Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) вчера одлучи да ослободи рекордни 400 милиони барели нафта од резервите за итни случаи, но тоа не ги ублажи стравувањата на енергетскиот пазар.(МИА)

Поврзани вести