
Претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан, алармираше дека поради сериозната водна нестабилност, петнаесетмилионското население на Техеран би можело да биде принудено да се исели од метрополата, објави иранскиот портал Аср-Иран, пренесе германската агенција ДПА.
“Ситуацијата е критична – Техеран речиси и да нема вода”, изјави Пезешкијан, додавајќи дека не е исклучена можноста да се донесе итна одлука за дислокација на главниот град.
Според информациите, Иран се соочува со водна оскудица во над дваесет од вкупно триесет и една покраина. Државната новинска агенција ИРНА известува дека еден од најголемите акумулации би можел комплетно да се исуши во следните четири седмици.
Во седум акумулации нивото на водата е под десет проценти, а две брани – во провинциите Хормозган и Фарс – веќе се целосно пресушени. Вкупно осумдесет проценти од водните капацитети во земјата се речиси испразнети.
Климатолозите предупредуваат дека редовно снабдување со вода нема да биде возможно во следните два месеци, освен ако не дојде до обилни дождови.
Пезешкијан ја обвини претходната влада дека го занемарила проблемот, и додаде дека две последователни години на суша се меѓу клучните причини за кризата.
Поради состојбата, сите државни установи и училишта се затворени барем до сабота, а неколку компании го прекинале производството поради недостаток на вода и електрична енергија.
Многу жители веќе го напуштаат Техеран, заминувајќи кон провинциите покрај Каспиското Море, кои засега немаат проблеми со водоснабдувањето.