
По неколку одлагања, од утре на премините на надворешни граници на Шенген зоната започнува постепената примена на новиот европски дигитален граничен Систем за влез/излез (ЕЕС), кој според очекувањата на Европската комисија би требало да го поедностави и забрза процесот на премин на граничните премини. Сепак, постои загриженост дека воведувањето на ЕЕС во пракса, барем во почетокот, ќе предизвика застои и поголеми гужви при пасошките контроли.
Портпаролот на Европската комисија за внатрешни работи Маркус Ламерт изјави дека со новиот систем ќе се врши електронско регистрирање на податоците за државјаните од трети земји кои не се членки на ЕУ при нивното преминување преку надворешните граници на Шенген зоната за престој во држава членка до најмногу 90 дена.
Имплементацијата на системот ќе биде постепена во период од шест месеци, при што во првите 30 дена земјите членки ќе треба да евидентираат најмалку 10 отсто од лицата што ја минале границата, до 90-от ден таа стапка треба да достигне најмалку 35 проценти, а до 180-от ден треба да почне евидентирањето на сите преминувања. Со ова практично од 10 април 2026 година ЕЕС системот треба да стане целосно оперативен и да ги регистрира сите странски државјани што ќе ги преминуваат надворешните граница на ЕУ преку кој било копнен премин, пристаниште или аеродром.
Ламерт посочи дека првично ЕЕС системот ќе се применува само на некои гранични премини, но по истекот на шесте месеци тој ќе биде целосно имплементиран.
Со ова, ставањето печати во пасошите како што е сега пракса, ќе биде заменето со електронско евидентирање во системот, додаде Ламерт.
Тој најави дека од сите државјани на трети земји при нивниот прв влез или излез од Шенген зоната по стартувањето на ЕЕС системот ќе бидат земани податоците за пасошот, како и биометриски податоци – фотографирање и отпечатоци од прстите. Предвидено е овие податоци да се чуваат три години, така што при секој нареден влез или излез во тој период ќе се врши само брза верификација на нивниот идентитет, без одново земање податоци.
Електронското евидентирање во системот ќе важи за сите државјани на трети земји, вклучително и за македонските граѓани, при влез во сите земјите на ЕУ, со исклучок на Кипар и Ирска кои не се дел од Шенген зоната, како и во Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија.
Според најавите, на почеток системот ќе биде целосно оперативен само во Естонија и Луксембург, додека останатите земји ќе го имплементираат етапно. Така, најголемите европски земји, како Франција и Германија, првично на аеродромите ќе вршат селективно евидентирање со цел да избегнат создавање огромни редици за чекање. Хрватска до крајот на октомври на сите премини ќе врши електронска регистрација на патниците само по четири часа на ден, по што во ноември тоа време ќе се удвои на осум часа, а во декември на 12 часа. Словенија, пак, ќе започне со имплементација на ЕЕС на аеродромите во Љубљана, Марибор и Порторож и во пристаништата во Копер и Пиран.
Белгиската европратеничка Асита Канко, која е известувачка на Европскиот парлмент за ЕЕС системот вели дека со него ќе се зголеми безбедноста, ќе се забрза граничната контрола и ќе се спречи илегалната миграција.
Главна предност за граѓаните на ЕУ од воведувањето на Системот за влез/излез е побезбедна Шенген зона и побезбедно искуство при меѓународните патувања, вели Канко во изјава за Европската новинска редакција (ЕНР) од која дел е и МИА.
Во врска со стравувањата дека стартот на ЕЕС ќе резултира со зголемени гужви на премините, Канко вели дека секогаш може да има некои проблеми кога се воведуваат „нови важни ИТ системи“
Постепеното воведување беше договорено токму за да се избегнат големи проблеми. Властите и патниците на граничните премини ќе можат да се навикнат на системот чекор по чекор. Во случај на непредвидени проблеми или прекумерно време на чекање, локалните гранични службеници можат привремено да го суспендираат користењето на системот, додаде Канко.
Сепак, според неа, на долг рок системот би требало да помогне во намалувањето на времето на чекање на границите.
Канко додава дека ЕЕС системот ќе се осигури дека луѓето што влегуваат во Шенген зоната имаат важечки лични документи, а властите ќе можат да го потврдат нивниот идентитет и да утврдат дали некој го пречекорил дозволеното време за престој во ЕУ.
Сите луѓе со добра волја од земји кои не се членки на ЕУ, а кои патуваат во ЕУ ќе можат да продолжат да доаѓаат без да се грижат за ништо, истакна Канко.
Во пресрет на стапувањето во сила на ЕЕС системот, македонското Министерството за внатрешни работи им препорача на сите оние наши граѓани кои планираат да патуваат во земја од Шенген зоната по 12 октомври да се запознаат со новите правила и процедури, со цел да се осигурат дека нивните патувања ќе бидат навремени, безбедни и без непотребни одлагања.
Чувствителните биометриски податоци собрани со ЕЕС ќе бидат обработени и складирани во согласност со строгите стандарди на Европската Унија и Општата регулатива за заштита на податоци (ГДПР), што обезбедува највисоки гаранции за целосна заштита на приватноста и нивно транспарентно користење, а комуникациските канали што ќе се користат за нивен пренос ќе бидат безбедни и шифрирани.
Предвидено е почитувањето на овие мерки да ги следат Независниот европски супервизор за заштита на податоците и националните органи за заштита на податоците.
Значи, со стапувањето на ЕЕС во сила и ќе имаме побезбедни граници во Шенген зоната, заклучи европратеничката Канко.
ЕЕС системот, чија примена почнува 10 години по неговото првично предлагање, е дел од пакетот на ЕУ „Паметни граници“, кој има за цел да го подобри управувањето со надворешните граници на Унијата преку користење на најсовремена технологија и иновативни решенија.
Пакетот „Паметни граници“ ги вклучува ЕЕС, Европскиот систем за информации и авторизација на патувања (ЕТИАС) и мерките за проширена и хармонизирана употреба на системите за автоматска гранична контрола (AБЦ) од страна на земјите членки.
Целосната имплементација на ЕЕС е предуслов за почеток на примена на ЕТИАС системот, што се очекува да се случи кон средината на следната година.
ЕТИАС претставува електронско овластување за патување во земјите Шенген зоната, инспирирано од американскиот EСTA систем. Со оваа мерка државјаните на трети земји, вклучително и македонските, пред да патуваат во ЕУ ќе мора да пополнат онлајн формулар за барање овластување за патување, да платат такса, која се очекува да изнесува 20 евра, и да чекаат одобрување на апликацијата.
На патниците без важечко ЕТИАС овластување би можело да не им биде дозволено да се качат на авион на лет кон земја од Шенген зоната или да бидат вратени од премин на надворешните граници.
Заедно, овие системи ќе овозможат поефикасно, побезбедно и поудобно искуство за патување за сите патници до и од ЕУ, порача Европската комисија.