
Во Истанбул започна средбата меѓу украинската и руската делегација во обидот да се дојде до договор за прекин на огнот во војната во Украина, а воведниот говор го имаше домаќинот на средбата, шефот на турската дипломатија, Хакан Фидан.
Средбата се одржува веднаш по кратката средба меѓу американските претставници и руската делегација, а во услови на обвинувања дека Москва се обидува да ги саботира долгоочекуваните мировни преговори со ненадејно барање за исклучување на други земји од разговорите, јавуваат агенциите.
На отворањето на преговорите министерот Фидан со јасната порака дека „мора да ја искористиме оваа можност за да напредуваме по патот кон мирот“, обраќајќи им се пред делегациите на Русија и Украина, но и на турските медијатори.
Фидан нагласи дека е клучно што поскоро да се постигне прекин на огнот. По воведните говори и фотографирањето, камерите беа исклучени и започнаа разговорите зад затворени врати.