
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во денешното гостување во „Студио 10“ на ТВ24 информираше дека Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за локална самоуправа во петокот едногласно бил усвоен од комисијата за локална самоуправа и законодавно правната комисија. Перински, како што истакна, очекува до крајот на мај предлог законот да го помине и второто читање и до средината на јуни да биде валидизиран од страна на Собранието. Без двоумење, вели, дека очекува Предлог законот да биде поддржан од сите.
-Сите овие предлог измени на овој системски закон се во насока на зголемување на транспарентноста, на отчетноста на оние коишто ја водат Општината и демократските процеси ги подигнуваме на повисоко ниво, согласно препораките на Венецијанската комисија, истакна министерот, кој посочи дека откако пред осум месеци, започнал реформскиот процес, предлог измените бие поздравени од сите чинители и институции.
Перински посочи дека можноста за отповикување на градоначалник преку референдум, била главната иницијација за отворање на законот. Информираше дека се предлага намалување на прагот за покренување на граѓанска иницијатива од 10 на 5 отсто, а во насока на зајакнување на транспарентноста, покрај тоа што седниците на Советот на Општината се јавни, се дополнува законот и со обврска информациите за седниците и работата на Советот на Општината, како и записниците од јавните седници на Советот, Општината да ги објавува на својата веб-страницата.
Најгорливото прашање поврзано со хигиената во општините, истакна Перински, е адресирано преку дополнување на законските одредби, со што се овозможува Општината да формира организациски единици за комунален ред и инспекциски надзор, а измените предвидуваат и Општината со седиште во град, да именува главен градски архитект заради подобрување на состојбите со урбанистичкото планирање.
-Сите предлог измени се во корелација со укажувањата од Венецијанската комисија, а се во согласност со Европската повелба за локална самоуправа, додаде министерот во гостување во „Студио 10“.