Skip to main content

Пелегрини: Словачка го поддржува проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан

Facebook/Peter Pellegrini

Словачка ја поддржува интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија, но се спротивставува на забрзаниот пристап на Украина, изјави вчера словачкиот претседател Петер Пелегрини, оценувајќи дека балканските земји кои постигнале понатамошен напредок во реформите треба да имаат предност пред Киев.

Пелегрини, како што пренесува Спутник, изјави дека на Украина не треба да ѝ се дава предност во процесот на европска интеграција во однос на земјите од Западен Балкан кои постигнале многу понатамошен напредок во тој процес. „Секое делумно членство на Украина треба строго да биде условено со исполнување на јасни услови“, нагласи словачкиот претседател.

По разговорите со албанскиот претседател Бајрам Бегај, тој оцени дека конфликтот во Украина не може да се реши воено, туку исклучиво преку дипломатски средства.

„Нема воено решение. Војната може да се реши само преку дипломатски средства, преку преговори“, нагласи Пелегрини.

Како што забележува Спутник, словачкиот премиер Роберт Фицо, исто така, ја отфрли идејата за брз пристап на Украина во Европската Унија, нагласувајќи дека Киев не може да ги „прескокне“ земјите од Западен Балкан кои долго време спроведуваат реформи, пренесува Танјуг.

Фицо оцени дека сите привилегирани чекори за Украина во процесот на европска интеграција треба да бидат условени од нејзиниот придонес во мировниот процес и отстапките кон завршување на конфликтот.

Словачките претставници, вклучувајќи го претседателот Пелегрини и премиерот Фицо, исто така се за обновување на дијалогот меѓу Европската Унија и Русија, со оценка дека нормализацијата на односите е можна по завршувањето на војната во Украина.(МИА)

Поврзани вести