Skip to main content

Откриени злоупотреби: Шведска го укинува посвојувањето деца од странство

Freepik

Шведска треба постепено да ја укине практиката на посвојување деца од странство, изјави денес комисија формирана од владата на земјата, по истрагата поттикната од стравувањата дека посвоените деца биле одземени од нивните биолошки родители без нивна согласност.

Денес стана уште појасно дека во текот на децениите, децата и родителите страдале и биле оштетени во контекст на посвојувањето од странство“, изјави шведската министерка за социјални работи, Камила Валтерсон Гронвал, објави Ројтерс.

Министерството соопшти дека владина комисија идентификувала неправилности како што се нелегални посвојувања и други неетички практики.

Валтерсон Гронвал рече дека владата сега ќе ги анализира заклучоците и предлозите на комисијата.

Шведска отвори истрага во 2021 година поради растечките стравувања дека посвоените деца биле нелегално одземени од нивните биолошки родители, потсети Ројтерс.

Комисијата додаде во извештајот дека во Шведска се евидентирани речиси 60.000 случаи на посвојување деца од странство.

Извештајот, исто така, препорача да се упати официјално извинување до посвоените и нивните семејства, како и финансиска помош за да им се овозможи на посвоените деца да патуваат во нивната земја на потекло.

Холандија, исто така, во декември минатата година објави дека ќе ги прекине посвојувањата на деца од странство во текот на следните шест години, додека Швајцарија ја објави истата намера во јануари поради страв од злоупотреба.

Поврзани вести