
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан денеска изјави дека во тек се подготовките за мировниот самит на претседателот на САД и на Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин во Будимпешта.
Тој на Фејсбук објави дека шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто е во Вашингтон и оти продолжуваат разговорите, иако датумот на средбата сè уште не е утврден.
Самитот ќе се одржи кога ќе дојде време, истакна Орбан.
Според претходните најави, Трамп и Путин требаа во Будимпешта да разговараат за можно решение за војната во Украина. Но, плановите беа одложени откако Москва го отфрли предлогот за итен прекин на огнот.
Претходно, Трамп наведе дека „не сака залудна средба“ со Путин, но навести дека наскоро би можеле да следат одредени случувања, додавајќи оти „јавноста ќе биде информирана во следните два дена“.