
Советот на ЕУ денеска го усвои предлогот од 1 јули 2026 година да започне наплата на фиксна царина од три евра за сите мали пакети во вредност помала од 150 евра што пристигнуваат во ЕУ од трети земја.
Оваа мерка во најголем дел ќе се однесува на пратките со производи кои жителите на ЕУ ги нарачуваат преку платформите за е-трговија, како што се „Тему“, „Шиен“ или „Алибаба“. Според податоците, на вакви пратки отпаѓаат 93 отсто од сите мали пакети што годишно пристигнуваат во ЕУ од странство.
Со оваа привремена мерка, што ќе важи до усвојувањето на пакетот за царинска реформа, ЕУ се обидува да се справи со нелојалната конкуренција што ја создаваат платформите за е-трговија за трговците од ЕУ, но и да ги зајакне мерките за заштита на здравјето и безбедноста на потрошувачите и на животната средина и да ги спречи измамите со продажбата на производите преку интернет.
Европската комисија го поздрави усвојувањето на предлогот, оценувајќи дека на тој начин ќе се заштити конкурентноста на европските бизниси и ќе се изедначат условите за работа помеѓу е-трговијата и традиционалната продажба на мало.
Комисијата појаснува дека со оваа одлука ќе се премости јазот до воспоставувањето на Царинскиот центар за податоци на ЕУ, планирано кон средината на 2028 година, чие создавање е предвидено со царинската реформа во Унијата.
Привремената царинска давачка од три евра по пратка ќе се наплаќа на пакети директно испратени од трети земјид о потрошувачите во ЕУ, појаснува ЕК.
Во соопштението се додава дека оваа мерка, е различна од планираниот „надомест за ракување со пратки од е-трговија“, за чие воведување преговорите се во тек. Овој „надомест за ракување“ има за цел да ги компензира зголемените трошоци што ги имаат царинските органи при надзор на се поголемиот број на пратки со производи нарачани преку сајтовите за е-трговија. Начелно се планира овој надомест да биде воведен од ноември 2026 година, но неговата точна висина и датум на примена ќе бидат познати откако Советот на ЕУ и Европскиот парламент ќе ги усогласат ставовите околу ваквиот предлог.
Инаку, кога станува збор за Белгија, белгиската Влада донесе индивидуална одлука за наплата на такса од две евра за пратките со нарачани производи преку сајтовите за е-трговија. Како што наведуваат белгиските медиуми, со стапувањето во сила на европската фиксна царина од три евра, надоместот што го воведе Белгија нема да биде укинат, туку Белгијците ќе плаќаат по пет евра за секоја пратка што ќе ја добијат од странство.

Македонски






