Skip to main content

Могерини и Санино ослободени по приведувањето во истрагата за измама што го тресе Брисел

foto Facebook/Federika Mogerini

Поранешната висока претставничка на Европската унија за надворешна политика, Федерика Могерини, и генералниот секретар на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Стефано Санино, беа ослободени доцна во вторникот откако претходно беа именувани како осомничени во голема истрага за измама и корупција што ја водат европските обвинители.

Двајцата беа приведени по серија рации на белгиската полиција во просториите на дипломатската служба на ЕУ во Брисел, во Колеџот на Европа во Бриж – институција каде што Могерини е ректор – како и во приватни резиденции, објави Еурактив.

Според Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (ЕЈО), истражителите се сомневаат дека Могерини и Санино во 2021 и 2022 година заеднички влијаеле за новата дипломатска академија на ЕУ да биде доделена токму на Колеџот на Европа. Академијата се финансира од ЕЕАС – институцијата што Могерини ја предводеше од 2014 до 2019 година, а во која Санино имаше висока позиција во периодот кога се носела одлуката за проектот.

Приведено е и трето лице – висок член на управата на Колеџот на Европа.

„По испрашувањето од Белгиската федерална судска полиција, трите лица беа формално известени за обвинувањата против нив“, се наведува во соопштението на ЕЈО.

Обвиненијата опфаќаат измама, корупција во јавни набавки, судир на интереси и повреда на професионалната тајна.

Именувањето како осомничен, според белгиското право, не значи вина, туку формален статус во рамки на активна истрага. Обвинителите посочуваат дека Могерини, Санино и третото лице се ослободени затоа што не постои ризик од бегство, а додека трае постапката тие се сметаат за невини.

Поврзани вести