
Три жени се повредени, од кои две потешко, во напад со нож што денеска се случи во северозападниот дел на Париз, во близина на Порт де Клиши (Porte de Clichy). Напаѓачот е приведен, а француските власти сѐ уште го утврдуваат мотивот за нападот.
Според францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нунез, нападот се случил околу 11:30 часот по локално време. Осомничениот, вооружен со два кујнски ножа, нападнал три жени на возраст од 19, 24 и 36 години. Две од нив се здобиле со сериозни повреди – едната е ранета во пределот на стомакот, а другата во долниот дел на грбот, додека третата поминала со полесни повреди. Сите три се пренесени во болница и не се во животна опасност.
Напаѓачот бил совладан од минувачи, кои интервенирале пред пристигнувањето на полицијата. Според очевидци и видеоснимки што ги верификуваше Reuters, еден минувач фрлил куфер кон осомничениот, по што тој ги испуштил ножевите, а неколку граѓани успеале да го задржат до доаѓањето на полицијата. Конечно го привел полициски службеник кој во моментот не бил на должност.
За време на приведувањето, осомничениот изговорил дека „Алах му наредил“, но министерот Нунез изјави дека неговите изјави биле некохерентни и повика да не се извлекуваат заклучоци додека трае истрагата. Француското национално антитерористичко обвинителство ја разгледува документацијата за случајот и дополнително ќе одлучи дали ќе отвори истрага, но засега мотивот не е официјално утврден.

Македонски



