Skip to main content

Клингбајл: ЕУ да преземе решителни мерки против САД ако преговорите за царините не успеат

Freepik

Европската Унија мора да преземе решителни мерки против САД доколку преговорите за царините не успеат да ја ублажат ескалацијата на глобалната трговска војна, изјави денеска германскиот министер за финансии, Ларс Клингбајл.

„Ако не успееме да постигнеме фер преговарачко решение, тогаш мора да преземеме решителни контрамерки за да ги заштитиме работните места и бизнисите во Европа“, изјави Клингбајл за германскиот весник „Цдојче Цајтунг“.

Тој во интервјуто додава и дека ЕУ останува со подадена рака, но нема да се согласи на сè, пренесуваат британските медиуми.

Според германскиот министер, царинската политика на американскиот претседател Доналд Трамп ќе доведе само до загуби и повика на деескалација на спорот, кој, според него, ја загрозува американската економија барем колку и европските компании.

„Во моментов никому не му требаат нови закани или провокации. Наместо тоа, ни требаат сериозни и преговори со јасна цел меѓу ЕУ и САД. Европа останува обединета и решителна: сакаме фер договор“, рече Клингбајл.

Најголемата европска економија, Германија, е голем извозник во САД, каде што продава возила и автоделови, машини и фармацевтски производи.

Во 2024 година оваа земја во САД извезе стока во вредност од 161 милијарда евра, остварувајќи трговски суфицит од речиси 70 милијарди евра, покажуваат податоците на германската Влада.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера се закани дека почнувајќи од 1 август ќе воведе царина од 30 проценти за увоз од Мексико и ЕУ, откако неколкунеделните преговори со главните трговски партнери не доведоа до сеопфатен трговски договор.

Поврзани вести