Skip to main content

Кина има проблеми со наталитетот – најави поедноставно склучување брак за младите парови

Кинеските власти објавија поедноставување на регистрацијата на бракот, што е најнов потег на владата за зголемување на наталитетот.

Државната телевизија „CCTV“, повикувајќи се на владин документ, објави дека двојките ќе можат да ги регистрираат своите бракови на национално ниво, за разлика од досега кога мораа да одат во местото каде што еден од нив бил заведен во матичната книга на родените.

На пример, еден пар кој живеел во Пекинг од професионални причини, сопругот од Кантон на југот на Кина, а сопругата од Шангај на исток, морал да оди во еден од тие два града и да ги заврши потребните процедури.

Бракот е речиси задолжителен во Кина пред да се роди дете, бидејќи во кинеското општество не се гледа добро на вонбрачните деца и немаат исто ниво на признавање и заштита како децата родени во брак.

Бројот на свадби во Кина минатата година се намалил за 20,5 отсто, а земјата веќе трета година бележи пад на населението,  што претставува предизвик за економскиот раст и исплаќањето на пензиите.

Надлежните веќе почнаа различни мерки, како субвенции за парови кои ќе стапат во брак и ќе имаат деца и ветија повеќе установи за згрижување деца.

Министерството за цивилни работи вети дека „ќе се бори и против прекумерните расходи и некои штетни навики како што се претераните парични подароци и скапите свадби“.

Семејството на младоженецот генерално и дава пари на невестата, што се смета за знак на почит и придонес за почетокот на заедничкиот живот на младата двојка. Сепак, овие суми во некои случаи станаа многу високи, создавајќи финансиски тешкотии за семејството на младоженецот и поттикнувајќи ги социјалните нееднаквости.

Младите Кинези се двоумат дали да стапат во брак и да имаат деца, а главна причина е финансиската неможност да купат стан, што често е предуслов за секој брак или високите трошоци за образование, од плаќање за градинка до приватни часови, што се смета за речиси суштинско за школскиот успех на детето.

Поврзани вести