
Премиерот Христијан Мицкоски, заедно со владината делегација, во рамки на работната посета на Соединетите Американски Држави оствари серија средби во Вашингтон со претставници на американските институции, Конгресот и економскиот сектор.
Во фокусот на разговорите беа продлабочувањето на стратешкото партнерство меѓу Македонија и САД, но и отворањето конкретни можности за нови инвестиции и економска соработка.
Особено внимание привлече средбата со Каролин Вик, главен директор за политики и вршител на должноста главен директор за развој во Американската корпорација за меѓународно финансиско развивање – DFC. На средбата биле разгледани можностите за потенцијални инвестиции во Македонија, со посебен акцент на енергетиката, високите технологии, модерната инфраструктура и други стратешки сектори.
Посетата на Вашингтон опфати и серија политички средби со американски конгресмени.
Мицкоски се сретна со конгресменот Кит Селф, претседател на Поткомитетот за Европа во Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД. Во разговорите биле опфатени стратешкото партнерство меѓу двете земји, заедничките интереси и можностите за натамошно продлабочување на соработката.
Средба била одржана и со конгресменката Клаудија Тени, копретседавач на Македонската група за пријателство во Конгресот на САД. На неа било истакнато значењето на традиционално пријателските односи меѓу Македонија и САД, како и важноста на парламентарната соработка, политичкиот дијалог и размената на искуства.
Од Владата посочуваат дека серијата средби во Вашингтон се дел од заложбите за зајакнување на стратешкото партнерство со САД и негово преточување во конкретна економска соработка, нови инвестиции и проекти од интерес за Македонија.
Работната посета на САД продолжува и со учество на Мицкоски на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, каде се предвидени и средби со повеќе државници.

Македонски


